30 април 2025
• од Вардарски
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, остро реагираше на барањето од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери, за свикување итна седница на Советот на општина Струмица. Поводот за седницата, според дописот од опозицијата, се два проблеми – рушењето на нелегални објекти од страна на општината и поставувањето урбана опрема, вклучително и физички бариери на велосипедска патека на неколку локации во градот.
Во својата реакција, Костадинов ја изрази загриженоста што дури и по трагичниот настан во Кочани, во кој животите ги загубија граѓани како последица на несоодветно постапување со јавниот простор, сè уште има политички структури кои личниот профит го ставаат пред колективната безбедност.
„Жално е што и по ваква трагедија, има луѓе кои не покажуваат ниту капка одговорност. Наместо да научат нешто, тие продолжуваат со истата политика на узурпација, анархично градење и попречување на проекти кои го унапредуваат јавниот интерес,“ изјави Костадинов.
Тој истакна дека општината нема да дозволи рушење на јавниот ред и непочитување на законите, особено кога се работи за безбедноста на граѓаните. Градоначалникот исто така подвлече дека улицата „Маршал Тито“, каде се реализира проектот за првата велосипедска патека во Струмица, е клучна за безбедноста во сообраќајот и за развојот на одржлив транспорт во градот.
„Со кое лице зборувате за правда во сообраќајот, а барате непрописно паркирање и загрозување на безбедноста?“, праша Костадинов во дел од своето обраќање, алудирајќи на контрадикторноста во постапките на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека проектот за велосипедската патека, како и уредувањето на јавниот простор, биле дел и од предизборните ветувања на сите политички страни, вклучувајќи ја и опозицијата, и посочи дека ваквото дволично однесување претставува лицемерие.
Во завршниот дел од својата реакција, Костадинов ја нагласи важноста на одговорното однесување од страна на сите политички фактори и изрази разочараност од, како што рече, „целосното отсуство на емпатија и грижа за граѓаните“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во Струмица нема да има компромис кога е во прашање безбедноста и интересот на граѓаните. Тоа е обврска, не опција,“ заклучи Костадинов.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

