Костова: Именувањето на Богојески е срамно и недостојно – ќе реагираме и до Европската комисија
Именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност предизвика остри реакции од опозициската СДСМ. Потпретседателката на партијата, Кристина Костова, го нарече назначувањето „скандалозно, неприфатливо и срамно за една земја што тежнее кон европска интеграција“.
„Богојески има долга и документирана историја на навредлив и дискриминаторски говор, исполнет со сексизам, расизам, албанофобија и отворена омраза. Тоа е апсолутно недозволиво за човек кој треба да раководи со институција што ја претставува европската идеја на еднаквост, инклузивност и напредок“, изјави Костова.
Според неа, новиот директор не само што е несоодветен за функцијата, туку и претставува лош пример за младите генерации и за сите кои веруваат во европските вредности.
„Ова не е обично политичко поставување – ова е директно поткопување на самата идеја на Националната агенција. Ваков избор испраќа порака дека Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги почитува европските принципи, туку и свесно ги игнорира“, нагласи таа.
Костова најави дека СДСМ ќе го информира и Генералниот директорат за образование и култура при Европската комисија за ова, како што рече, „неспоиво и понижувачко именување“.
„На чело на институција која треба да ги приближува младите кон Европа, не смее да стои личност чиј јавен профил е изграден врз поделби, навреди и говор на омраза. Ова не е само лоша одлука – ова е пораз за сите што веруваат во модерна, демократска и европска Македонија“, додаде таа.
Случајот веќе го отвори прашањето за критериумите при именување на раководни позиции, особено кога станува збор за институции со директен допир со ЕУ програмите и младите луѓе.