04 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Преспанското Езеро се соочува со сериозна еколошка закана – драматично намалување на нивото на водата, уништување на биодиверзитетот и знаци на потенцијален еколошки колапс, предупредува Општинската организација на Левица од Ресен.
Партијата преку објава на својот официјален профил на Facebook упати жестоки критики до институциите, обвинувајќи ги за пасивност и неодговорност во справувањето со кризата. Според Левица – Ресен, локалната самоуправа, пратениците и Министерството за животна средина не преземаат никакви конкретни мерки за заштита на ова природно богатство од светско значење.
„Нивото на езерото драстично се намалува, флората и фауната се доведени до истребување, а институциите остануваат неми сведоци на уништувањето на едно од највредните природни богатства во земјата,“ стои во објавата.
Левица директно го прозва градоначалникот на Ресен, Живко Тозиевски, за негрижа во својот мандат, како и пратеникот Божиновски, сугерирајќи дека темата била искористена само за политички поени пред избори. Министерството за животна средина, според нив, целосно затаило во својата обврска за заштита на природата.
„Ова не е време за ПР објави и флоскули. Ова е време за итна акција и научно засновани решенија за спас на езерото,“ порачуваат од партијата, предупредувајќи дека доколку не се дејствува веднаш, Преспа ќе стане „пуста рамнина“, а вината ќе ја сносат надлежните.
Во завршницата од својата објава, Левица потсетува дека и Охридското Езеро е под закана и повикува на заедничка борба за зачувување на природното наследство на Македонија.
„Левица нема да молчи,“ стои на крајот од пораката.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

