16 мај 2025
• од Вардарски
Партијата Левица денеска излезе со реакција во која обвинува дека истрагата за смртоносниот пожар во дискотеката „Пулс“ е селективна и намерно ја занемарува партиската поврзаност на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ со функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Според пишувањата на весникот „Фокус“ и документите што ги презентира Левица, „Рубикон“ е регистрирана на улица „Христо Татарчев“ бр. 79 во скопската општина Кисела Вода — истата адреса на која се наоѓа Центарот за безбедносни истражувања. Директор на овој центар е Александар Нацев, поранешен шеф на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во времето на владата на Никола Груевски и истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, формален сопственик на „Рубикон“ е Јане Јанчески, кој воедно е и заменик-директор на истиот центар што го води Нацев. Левица тврди дека овој „двоен ангажман“ е доказ дека обезбедувачката фирма претставува параван-компанија под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата потсетува дека веднаш откако ВМРО-ДПМНЕ презеде власт во повеќе општини, „Рубикон“ започнала да добива јавни набавки за обезбедување на училишта чиј управувачки кадар доаѓа од истата партија. „Власта се обидува секое барање за вистината да го замолчи со дегутантни етикети како ‘лешинарење’, но фактите говорат дека зад ‘Рубикон’ стои политичко влијание“, се вели во соопштението на Левица.
Од ВМРО-ДПМНЕ досега нема нова реакција на најновите обвинувања. Премиерот Христијан Мицкоски претходно категорично негираше било каква партиска вмешаност и дури најави оставка доколку се докаже спротивното.
Левица прашува: „Дали е случајност што сопственикот на ‘Рубикон’ е заменик-директор во центар предводен од поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ и што компанијата дели иста адреса со тој центар? Колку уште докази се потребни за да се признае врската меѓу партијата и агенцијата за обезбедување?“
Истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ продолжува, а јавноста очекува официјални одговори за евентуалната партиска позадина зад договорите за обезбедување и за тоа дали безбедносните пропусти кои доведоа до несреќата се резултат и на политички влијанија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

