17 мај 2025
• од Вардарски
Љупчо Георгиевски, поранешен премиер и актуелен претседател на ВМРО-Народна партија, остро ја критикуваше историската и актуелната позиција на македонскиот национализам и односот на македонското општество кон великосрпската политика, особено во контекст на геноцидот во Сребреница.
Говорејќи на панел-дискусијата „Негирањето на геноцидот е карактеристика на големосрпската пропаганда“, што се одржа во рамки на конференцијата „Сребреница – совеста на светот“ во организација на Странката на демократска акција (СДА) на Македонија, Георгиевски нагласи дека најголемиот дел од македонското општество за време на настаните во Сребреница бил наклонет кон Србија — нешто што, според него, претставува морална дамка.
„Во тоа време, за жал, најголемиот дел од македонското општество беше наклонет кон Србија. Секој искрен Македонец денес треба да се срами од тоа“, изјави Георгиевски, алудирајќи на пасивноста и отсуството на критички став кон српските злосторства во Босна и Херцеговина.
Во продолжение на своето обраќање, Георгиевски го критикуваше македонскиот национализам како „чуден феномен“ што, како што рече, се заснова на ирационални идеи и често ја кочи земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија. Како примери ги посочи десетгодишниот фокус на антиката и актуелната блокада поради внесувањето на Бугарите во Уставот.
„Македонскиот национализам навистина е бескраен кога се работи за прашања што немаат рационална основа, но истовремено премолчува и толерира великосрпски наративи и прослави“, рече Георгиевски.
Тој подвлече дека денес во Македонија постои речиси еднаков сооднос меѓу прослави поврзани со великосрпската историја и оние што се чисто македонски национални празници, укажувајќи на тоа како рефлексија на длабоко вкоренетата југословенска ориентација во колективната свест.
Настанот се одржа во Скопје и има за цел да потсети на геноцидот во Сребреница, како и да ги разобличи обидите за негово негирање, кои Георгиевски ги припиша на „големосрпската пропаганда“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

