25 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, во рамките на амандманската расправа за Буџетот за 2026 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет, остро реагираше на најавеното значително намалување на средствата за рурален развој. Таа побара од колегите пратеници да го преиспитаат предлогот и да го прифатат амандманот на СДСМ со кој износот би останал на истото ниво како во 2025 година – околу 300 милиони денари.
Според Лукаревска, предлог-буџетот за 2026 година предвидува скратување на ставката за рурален развој за скоро половина:
„За 2026 година се предлага намалување од 185,9 милиони денари, односно намалување од околу 115 милиони денари во оваа клучна програма,“
истакна таа пред комисијата.
Пратеничката предупреди дека ваквото кратење ќе испрати сериозно лош сигнал кон земјоделците и стопанствениците, кои очекуваат стабилна и предвидлива финансиска поддршка од државата.
Лукаревска се осврна и на актуелната суспензија на ИПАРД-програмата, нагласувајќи дека таа отвора големи финансиски предизвици како за корисниците во моментов, така и за оние кои во иднина ќе аплицираат или очекуваат исплата.
„Ние не знаеме колку ќе трае суспензијата, но обврските кон корисниците ќе мора да се исполнат. Токму затоа не смееме да го намалуваме буџетот во делот на кофинансирањето,“
порача таа.
Според Лукаревска, средствата што се кратат се од особено значење бидејќи служат за кофинансирање на поддршката што ја добиваат земјоделците, а по рестартирањето на ИПАРД програмата тие средства ќе можат да се надоместат преку фондовите на Европската унија.
Лукаревска ги повика пратениците да го поддржат амандманот на СДСМ, со кој би се избегнал негативниот ефект врз секторот земјоделство:
„Добро е да се прифати овој амандман за доброто на земјоделците и сите засегнати – сите што се дел од столбовите на нашето општество за раст, развој и промоција,“
заклучи таа.
Пратеничката порача дека Владата и Министерството за финансии мора да покажат поголема прагматичност и прецизност при планирањето на буџетот, особено во чувствителните сектори како земјоделството, каде секое кратење има директни последици врз производството и руралната економија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

