Македонски државјанин се претставувал како лекар во Хрватска – измамил повеќе семејства за над 270 илјади евра
Загрепската полиција откри сериозен случај на измама во кој 26-годишен македонски државјанин се лажно претставувал како лекар, манипулирајќи со стравот и емотивната ранливост на родителите. Искористувајќи ги нивните стравови за здравјето на нивните деца, измамникот им земал големи суми пари, ветувајќи итни медицински интервенции кои никогаш не постоеле.
Според хрватскиот портал „Дневник.хр“, измамникот се јавувал на родители и лажно ги информирал дека нивното дете е во животна опасност поради наводна трагедија или несреќа, тврдејќи дека е потребна итна операција. Под влијание на паника и шок, родителите веднаш реагирале и му предавале пари на претходно договорени локации во Загреб. На овој начин, измамени биле осум семејства, со вкупна материјална штета што надминува 270 илјади евра.
„Едно лице се претставува како лекар и вели: ‘Вашето дете е во животна опасност. Се случи голема трагедија. Потребни се пари за итна операција’“, изјави Марија Гоати, портпаролка на загрепската полиција.
Сега, кога измамникот е уапсен и наоѓа зад решетки, надлежните апелираат до граѓаните да внимаваат на вакви обиди за измама. Хрватската Комора на матични лекари предупредува граѓаните да не им веруваат на лица кои ненајавено се претставуваат како здравствени работници.
„Секогаш даваме прецизни информации во договор со пациентите. Доколку некој дојде ад хок и без најава, тоа веднаш треба да предизвика сомнеж“, истакна докторката Даворка Дошен Мрак.
Иако еден измамник е веќе во притвор, полицијата предупредува дека се појавиле и нови случаи на слична измама. Тековно се трага по друго лице кое измамило уште две семејства во Загреб со сличен модус операнди.
Загрепската полиција ги повикува сите граѓани кои се соочиле со слични обиди за измама да пријават во најблиската полициска станица.