14 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Родителите и блиските на жртвите од трагичниот пожар во кочанскиот клуб „Пулс“ денеска, на 33. по ред „Марш за ангелите“, упатија јавно и директно барање до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со цел да добијат објаснување зошто е пробиен рокот за поднесување обвинение против полициските службеници опфатени со истрагата.
Тие посочија дека, иако институциите претходно најавиле дека обвинителен акт ќе биде поднесен најдоцна до 12 декември 2025 година, досега нема никакво официјално известување, образложение или јасни процесни дејствија што би укажале на напредок во постапката. Според нив, ваквиот институционален молк дополнително ја продлабочува болката и чувството на неправда кај семејствата на настраданите.
„Рокот е пробиен без никакво објаснување, што директно ја нарушува правната сигурност и ја поткопува довербата во институциите“, изјави Розета Блажева, сестра на загинатиот Јорданчо Џамов, пред зградите на Судот и Обвинителството во Кочани. Таа нагласи дека семејствата не бараат ништо повеќе од вистина, одговорност и почитување на законските рокови.
Родителите побараа јасен и недвосмислен одговор за статусот на обвинителниот акт и најавија дека, доколку продолжи молкот од надлежните институции, ќе ги искористат сите законски и јавни механизми за да се изборaт за правда и институционална отчетност.
Протестниот марш, 33-ти по ред од трагедијата, се одржа по веќе утврдената рута низ централното градско подрачје на Кочани и заврши во „Паркот на Револуцијата“, каде со минута молк беше оддадена почит на загинатите. Родителите повторија дека нема да се откажат од барањето одговорност сè додека сите виновни не се соочат со правдата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

