29 март 2025
• од Вардарски
Маж од Радовиш, кој беше снимен како физички напаѓа жена – за која се тврди дека му е бремена сопруга – за време на жив пренос на социјалната мрежа ТикТок, е спроведен на психијатриско лекување во болницата во Негорци. Потврда за ова пристигна од Секторот за внатрешни работи Струмица.
Во официјалното соопштение на СВР Струмица се наведува дека против лицето во текот на 2024 година биле поднесени две пријави од страна на две различни жени – едната за „телесна повреда“, а другата за „загрозување на сигурноста“. И двата случаи се целосно расветлени, и поднесени се соодветни пријави до надлежното обвинителство. На 27 март 2025 година, лицето било спроведено на лекување во Психијатриската болница во Негорци.
Иако случајот предизвика бурни реакции во јавноста, институциите повторно се соочуваат со законски ограничувања. Имено, насилникот не може да биде кривично гонет бидејќи жената што ја нападнал – неговата партнерка – одбила да го пријави. Ваквите ситуации, за жал, не се исклучок туку правило, што уште еднаш ја отвора неопходноста од измени во Кривичниот законик.
Според актуелната регулатива, делото „телесна повреда при семејно насилство“ не може да се гони по службена должност доколку жртвата не даде согласност. Но, стручната јавност, правниците и здруженијата за заштита на жени жртви на насилство одамна алармираат дека токму овој услов е една од најголемите пречки во борбата против семејното насилство.
Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат благ пораст во пријавувањето на семејното насилство во последните две години, но вистинската бројка веројатно е многу поголема, токму поради стравот, срамот или економската зависност на жртвите.
Случајот од Радовиш не е изолиран инцидент – тој е уште една алармантна потврда дека системот мора да се менува. Заштитата на жртвите не смее да зависи само од нивната храброст да проговорат, туку треба да биде обврска на државата и институциите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

