Меџити со тешки обвинувања: Таравари имал тајни средби со Ахмети и олигарси
Лидерот на Движењето Влен, Изет Меџити, на денешната прес-конференција упати сериозни обвинувања кон Арбен Таравари, обвинувајќи го за тајни договори со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и со влијателни бизнисмени. Според него, овие средби траат веќе два месеца и претставуваат обид за поткопување на коалицијата Влен одвнатре.
„Јавноста многу брзо ќе ги дознае сите детали од оваа операција. Имаме конкретни докази за тајните средби и договори што Таравари ги водел зад грбот на коалицијата,“ истакна Меџити, додавајќи дека токму Таравари со своите постапки се самоисклучил од соработката.
Тој најави дека Влен ќе настапи обединето на претстојните локални избори со заеднички листи за советници и градоначалници – но без партијата на Таравари. „Не сме го исклучиле ние, тој сам се исклучи. Деновиве ќе ги формираме изборните штабови и ќе продолжиме по патот што го договоривме со останатите партнери во коалицијата,“ рече Меџити.
Иако не спомена конкретни имиња, се насети алузија на вмешаноста на бизнисменот и пратеник од редовите на ДУИ, сопственикот на „Пуцко Петрол“, што дополнително фрла сомнеж врз сериозноста на наводните договори.
Овие обвинувања доаѓаат во исклучително чувствителен политички момент, на само чекор пред изборниот процес, и се очекува тие да предизвикаат силни реакции – како од редовите на Таравари, така и од пошироката јавност.