31 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Додека цените бескомпромисно растат, минималната плата повторно останува заложник на бирократски калкулации и декларативна „грижа“ за работниците. Седницата на Економско-социјалниот совет, одржана по неколкумесечна пауза, донесе уште едно разочарување: нема договор за минималец од 500 евра. Односно, има политичка волја – да се одолговлекува и префрла одговорноста.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, гласно ја изрази фрустрацијата на работниците: дека синдикатот „многу бара“, а работниците треба да бидат „среќни со тоа што го добиваат“. Ваквиот однос кон трудот, од страна на дел од работодавачите и институциите, не е ништо помалку од понижување. Барањето за пристојна минимална плата се претставува како алчност, додека оние што ги донесуваат одлуките остануваат во својот комфор и политички баланс.
Од Организацијата на работодавачи слушнавме добро познат рефрен: „нема пари, нема продуктивност“. Но дали може да има продуктивност без основна економска сигурност? Колку вработени ќе бидат мотивирани и продуктивни кога се приморани да избираат меѓу сметки и храна? Аргументите за одложување на покачувањето се толкувани како рационални, но всушност се параван за инерција и недостиг на храброст.
Премиерот Мицкоски призна дека стандардот е низок, но апелира на трпение. Трпение од кого? Од работниците кои со години слушаат за планови, стратегии и параметри, додека реалноста на теренот е сиромаштија и егзистенцијална несигурност? Истовремено, Владата гордо наведува зголемувања на платите во јавниот сектор – што е добро, но не и доволно кога приватниот сектор, каде е мнозинството од работната сила, останува во запоставеноста.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, подвлече дека Владата „не може да зазема страна“. Но, кога едната страна – работниците – живее на работ на сиромаштија, а другата – работодавачите – одбива било каква корекција, неутралноста станува соучесништво во неправда. Не се работи за „ад-хок“ мерки, туку за системска негрижа која трае со години.
На крајот, на масата се стави и методологија за пресметка на потрошувачката кошничка. Секако, и тоа е важно. Но гладниот не јаде методологија. Работниците не можат да живеат од статистика, туку од пари – реални, достоинствени 500 евра минимална плата.
Овој состанок, наместо напредок, беше уште еден доказ за тоа колку се оддалечени институциите од реалноста на работниот човек. Пораката е јасна: минималецот ќе почека. Повторно. Работниците – пак разочарани. Политичарите – повторно во баланс. А правдата – пак одложена.