05 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска на дебатата „Текстилијада 9“ во Штип порача дека минималната плата во државата мора веднаш да се зголеми, бидејќи сегашното ниво не обезбедува пристоен живот за работниците.
Трендафилов истакна дека еден просечен работник, кој прима околу 400 евра месечно, работи не само за себе, туку и за работодавачот и менаџерскиот тим, а сепак не може да го издржи месецот.
„Минималната, но и сите останати плати мора веднаш да се зголемат. Еден работник заработува на својот работодавач меѓу 300 и 600 илјади денари годишно. Тој работи за плата, за директорот, за инвестиции, коли и викендици на работодавачот,“ изјави Трендафилов.
Тој предупреди дека две минимални плати не се доволни за да се покрие минималната синдикална кошничка, што е аларм за итно покачување на платите.
Во регионот, според него, минималната плата изнесува околу 500 евра, што ја прави Македонија неконкурентна и ги поттикнува младите да бараат подобри услови во соседните земји — Србија, Босна и Херцеговина, па дури и Албанија.
Трендафилов потсети дека вредноста на синдикалната минимална кошничка се пресметува уште од 2011 година, а токму таа служела како основа за носење на Законот за минимална плата.
„До денеска сме организирале 22 протести и два штрајка за да покажеме дека минималната плата мора да се зголеми најмалку на 500 евра, за да може соодветно да се преживее месецот,“ нагласи претседателот на ССМ.
Со својата порака, Трендафилов уште еднаш ја нагласи потребата од социјална правда и достоинствена плата за сите работници. Според него, зголемувањето на минималната плата не е само економска, туку и морална обврска на државата и работодавачите, за да се обезбеди пристоен живот и да се спречи иселувањето на младите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

