23 март 2025
• од Вардарски
Состојбата на пациентите од Северна Македонија кои беа хоспитализирани во Бугарија по трагедијата во дискотеката во Кочани е стабилна, но сериозна. Според бугарскиот министер за здравство, д-р Силви Кирилов, кај повеќето пациенти се работи за повреди кои бараат продолжен третман, а дел од нив ќе мораат да поминат и низ пластични операции.
„Сите се згрижени и третирани според највисоките медицински стандарди. Има и деца и возрасни на апарати за дишење, но две лица веќе се екстубирани и не се на механичка вентилација, што е добар знак. Сите други се на спонтано дишење,“ изјави министерот Кирилов.
Најголема загриженост кај лекарите предизвикува вдишувањето на отровни гасови, што оставило последици врз белите дробови на неколку пациенти. „Раните се во стабилна состојба, но белодробните оштетувања се најсериозен предизвик во овој момент,“ истакна министерот.
Во бугарските болници моментално се лекуваат 15 лица повредени во пожарот, од кои петмина се малолетни, а само двајца се постари од 30 години.
„Многу е рано да зборуваме за отпуштање од болница. Отворените рани се уште се третираат и постои голема веројатност кај дел од нив да се извршат и реконструктивни, односно пластични операции. Сето тоа ќе бара време и стрпливост,“ додаде Кирилов.
Министерот нагласи дека ги очекува долг процес на рехабилитација и постојано следење на состојбата на пациентите. Инцидентот во Кочани остави длабоки последици, но заедничката медицинска соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија овозможува повредените да ја добијат неопходната грижа и шанса за целосно заздравување.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

