03 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Се размислува за промена на почетниот датум за санкционирање со системот за сообраќајни прекршоци „Сејф сити“. Панче Тошковски, кој ја предводи институцијата, денеска изјави дека иако првичниот план бил системот да стартува со казнување од 1 јануари 2026 година, постои можност датумот да се помести за еден месец – наместо 1 јануари, казните да почнат од 1 февруари 2026 година.
Како што објасни Тошковски, целта на оваа недела е да се разгледаат и коригираат сите забележани системски неправилности, како и да се унапредат законските процеси за кои веќе постојат предлог-решенија. Според него, се чекала реакција од системот и јавноста, пред да се предложат законски измени во Собрание.
„Има опција почетокот да биде на 1 јануари или 1 февруари, но не сакаме да избрзаме. Затоа можеби ќе продолжиме да тестираме уште еден месец за суштински да го провериме системот и граѓаните подобро да се запознаат со начинот на функционирање“, изјави Тошковски.
Системот, според плановите, треба да биде имплементиран на целата територија на државата, но сѐ уште не е утврдена конечната листа на прекршоци што ќе се санкционираат автоматски. Ова укажува дека проектот сѐ уште е во развојна фаза, без финална законска рамка која би го направила оперативен за казнување.
Камерската инфраструктура на проектот „Безбеден град“ моментално е поставена во Скопје, Тетово и Куманово, како и на Коридор 8 и Коридор 10. Според информциите од МВР за медиумот Слободен печат, дел од камерите во овие зони имале технички проблеми и таму сѐ уште не биле пуштени пробно, но се очекува да бидат подготвени за работа во наредните неколку недели.
Денешните најави отворија дилеми во јавноста околу подготвеноста на законските измени кои треба да поминат во парламентот. Критичарите забележуваат дека досегашните тестирања и изјави се базираат само на теорија, бидејќи ниту законската регулатива е финализирана, ниту системот е официјално усвоен за санкционирање.
Со ова, останува отворено прашањето: дали „Сејф сити“ ќе биде вистински подготвен за казнување на предвидениот датум или ќе добие нов стартен рок за да ја оправда својата техничка и законска доверливост.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

