15 февруари 2025
• од Вардарски
Скопската служба за Итна медицинска помош се соочува со сериозен недостиг на екипи, што ја отежнува брзата интервенција кај пациентите. Во моментот, само 4 до 5 тимови составени од лекар, медицинска сестра и возач покриваат целата територија на Скопје и околината во 12-часовна смена. Според стандардите, за град со речиси еден милион жители, потребно е тројно повеќе екипи.
Од Брзата помош велат дека, поради недостатокот на кадар, се принудени да вршат строга селекција на повиците, давајќи приоритет на случаите каде што пациентите се во животозагрозувачка состојба.
Директорот на Здравствениот дом – Скопје, Самир Исени, потврди дека ситуацијата е критична, но најави дека се работи на нејзино решавање.
Освен лекарите, сестрите и возачите во Брзата помош, недостиг на кадар се чувствува и во скопските поликлиники, каде што има потреба од повеќе невролози и дерматолози. Според податоците, во моментов недостигаат околу десетина специјалисти.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, објасни дека дел од овој проблем ќе биде решен со вработување на приватните специјализанти. Овој процес требаше да биде завршен пред Нова година, но се одложил поради потребата од нови систематизации во здравствените установи.
Поради зголемената фреквенција на пациенти во сезоната на вируси и настинки, надлежните воведоа дополнителни мерки за растеретување на Детската клиника и Клиниката Козле. Еден од чекорите е отворањето на нов дежурен педијатриски пункт во поликлиниката Бит Пазар.
Овој пункт ќе работи секој ден од 19:00 часот до 07:30 наутро, а во недела ќе биде отворен во текот на целиот ден.
Со овие мерки, здравствените власти се надеваат дека ќе ја подобрат достапноста на здравствените услуги и ќе го намалат притисокот врз здравствениот систем во главниот град.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

