11 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека е поведенa постапка против едно лице осомничено за кривично дело Насилство по член 386 став 3 во врска со став 1, како и за кривично дело Спречување службено лице во вршење службено дејствие по член 382 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Постапката следи по немилиот настан што се случил синоќа во студиото на „Инфомакс“, во момент додека се емитувала програма во живо,
Според обвинителството, осомничениот насилно ја обил надворешната врата во дворот на објектот, а потоа насилно влегол и низ уште две врати за да стигне до студиото. Веднаш по упадот започнал агресивно да се однесува, упатувајќи закани за живот кон двајца новинари, гостин во емисијата и уште еден вработен. Заканите, според наводите, биле мотивирани од незадоволство поради наводни навреди упатени кон премиерот.
Очевидци изјавиле дека осомничениот замавнувал со раце, се обидувал физички да им се доближи на новинарите, а фрлал и со чаши кон нив. Ситуацијата ескалирала до моментот кога присутните успеале да го изнесат надвор од студиото и да повикаат полициска интервенција.
Поради насилниот упад, новинарите биле приморани да го прекинат емитувањето на програмата и не можеле да ја продолжат својата службена должност. Настанот предизвикал силен стрес и чувство на загрозеност кај сите присутни, кои изјавиле дека се исплашени за својот живот и лична безбедност.
Јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Дополнително, врз основа на информациите добиени од кривичната пријава за неговата претходна здравствена состојба, обвинителството најави дека во текот на постапката ќе биде извршено психијатриско вештачење.
Истрагата продолжува со цел целосно да се расчистат околностите и мотивите што довеле до овој насилен инцидент.
СДСМ бара одговор: Ќе ја потпише ли ВМРО-ДПМНЕ Резолуцијата за мигрантите?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

