04 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Основното јавно обвинителство од Куманово поведе постапка за истражување на инцидент поврзан со говор на омраза што се случил за време на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Натпреварот се одигра на 2 август во Куманово, во рамки на првиот квалификациски циклус за Светското првенство во 2027 година.
Според информациите од Обвинителството, неидентификувани лица извикувале скандирања што содржат говор на омраза, за што се сомнева дека претставува кривично дело. Надлежните веќе издале насоки до Секторот за внатрешни работи Куманово за прибирање докази и идентификација на сторителите. Истовремено, е издадена и наредба за обезбедување на снимки од видео надзорот на спортската сала, кои би можеле да помогнат во истрагата.
Натпреварот заврши со пораз на македонската селекција со резултат 72:80 во корист на Романија, но спортскиот настан имаше и дополнителна важност бидејќи со него беше свечено отворена реконструираната спортска сала во Куманово.
На трибините присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој преку својот Фејсбук профил упати поддршка до македонските кошаркари. Во објавата тој истакна дека македонските спортисти покажале борба, срце и чесна игра, и дека Македонија стои зад нив не само во победите, туку и во поразите.
„Овој натпревар беше повеќе од резултат, беше борба за боите што ги носите, за името што го браните, и за народот што стои зад вас со љубов и почит“, напиша Мицкоски, нагласувајќи дека, и покрај поразот, играчите победиле во духот и покажале како се игра за својата татковина.
Истрагата за говорот на омраза продолжува, а јавноста очекува институциите да реагираат ефикасно и да ги откријат одговорните лица.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

