Невреме во среда: Пороен дожд, грмежи, силен ветер и можна појава на град
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најави нестабилно и променливо време за текот на оваа седмица, со посебно интензивни временски услови во среда. Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, очекуваат чести локални врнежи од дожд и грмежи, кои на одредени места ќе прераснат во вистинско невреме.
Според прогнозата, утре на неколку локации во земјата ќе има пообилен пороен дожд, со краткотрајно голема количина врнежи, проследени со грмежи и силен ветер што ќе надмине брзина од 60 km/h. Исто така, постои можност за изолирана појава на град, што дополнително може да предизвика проблеми.
Во четврток, метеоролозите најавуваат засилен ветер со југозападен правец, особено во западните делови на земјата.
УХМР апелира до граѓаните на зголемена внимателност, особено во случај на електрични празнења. Препораката е да се избегнува престој на отворен простор и под осамени дрвја за време на невремето.