28 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Судијката, прва македонска претставничка во Европски суд за човекови права и претседателка на Институт за човекови права, Маргарита Цаца Николoвска, гостуваше во емисијата „Click Plus“ на ТВ21, каде даде свој осврт за проблемот со неказнивоста во судскиот систем и зголемената перцепција за оваа појава во јавноста.
Во своето излагање, Николoвска посочи дека граѓаните честопати го обвинуваат судството за неказнивост и селективност во правдата, но подвлече дека судскиот систем не е секогаш единствениот виновник. Таа нагласи дека критиките се насочуваат кон судството по инерција, и покрај тоа што коренот на проблемот е многу поширок и подлабок.
„Сите политичари зборуваат за неказнивост, но токму тие самите ја создадоа таа неказнивост,“ истакна таа. Според неа, една од клучните причини за одолговлекувањето и запирањето на судските постапки е застарувањето на делата – феномен кој, како што рече, произлегува од честите измени во Кривичен законик и од несоодветните законски решенија, кои не воделе сметка за функционалноста и ефикасноста на правосудниот систем.
Николoвска нагласи дека застарувањето не е случајна слабост, туку последица на политички одлуки кои со години биле носени без соодветна анализа и долгорочна стратегија. Таа предупреди дека законите и нивните измени честопати се адаптирале на политички интереси, наместо на реалните потреби на системот за правда.
Заклучи дека јавноста мора да разбере дека причините за перцепцијата и реалните појави на неказнивост често се политички, а не исклучиво поврзани со работата на судиите и обвинителите. Според неа, без аполитични, професионални и одржливи законски решенија, тешко дека може да се очекува значително подобрување во борбата против неказнивоста во државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

