Нова жртва на трагедијата во Кочани: Почина 61-вa по ред
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска соопшти за нов трагичен развој поврзан со трагедијата во Кочани – Александар Гавриловски, роден на 7 март 1996 година, ја загуби битката со тешките повреди и стана 61-вата жртва на несреќата.
Гавриловски се наоѓал во критична состојба од самиот почеток на инцидентот, со 35 проценти телесни изгореници од трет степен, како и сериозни повреди на дишните патишта. Тој беше пренесен на лекување во Литванија, каде неговата здравствена состојба се влошила на 4 април. Вчера бил ставен на хемодијализа, но напорите на медицинскиот тим не биле доволни да го спасат.
Министерот Таравари нагласи дека Александар е вториот пациент кој почина од вкупно 193 повредени лица кои се лекуваат како во земјата, така и во странство. Во моментов, две лица се во критична состојба. Од нив, 66 пациенти се на лекување во странство, додека 10 продолжуваат да се третираат во здравствените установи низ Северна Македонија.
Трагедијата во Кочани остави длабока рана во јавноста, а секоја нова жртва ја продлабочува болката на нацијата. Институциите продолжуваат да ги следат состојбите на повредените и да обезбедуваат неопходна помош и поддршка за семејствата погодени од несреќата.