20 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Од 26 септември ќе почнат да важат построги правила во сообраќајот со кои ќе се санкционира употребата на електронски уреди за време на движење и возење. Законот е веќе објавен во „Службен весник“, а од овој датум сите учесници во сообраќајот ќе мора да бидат внимателни и да се воздржуваат од користење телефони, слушалки или други уреди кои го одвлекуваат вниманието.
Новите одредби предвидуваат казна од 40 евра за пешаците кои преминуваат пешачки премин со мобилен телефон на уво или разговарајќи. Целта е да се намали ризикот од незгоди поради невнимание. Во член 116-а од Законот за безбедност во сообраќајот јасно се наведува дека пешакот мора да преминува коловоз и велосипедски патеки без употреба на електронски уреди како мобилен, слушалки, таблет или паметен часовник.
Исто така, казни се воведуваат и за возачите на тротинети, мотори, велосипеди и трактори кои користат мобилни уреди или имаат слушалки во уши за време на возење. За овие прекршоци е предвидена казна од 50 евра.
Законот ја задржува границата од 0,5 промили алкохол во крвта како дозволена, но за возачите кои ќе имаат повеќе од 1,5 промили казната ќе биде драстична – 375 евра и забрана за возење од 9 до 12 месеци.
Новина е и легализацијата на проектот „Сејф сити“, кој веќе се тестира и дава алармантни податоци за прекршоци. Камерите ќе се користат за изрекување казни, но тоа ќе стапи во сила од 1 јануари наредната година. Законот ѝ овозможува на полицијата поширока употреба на современи видеонадзори и технички средства за снимање и документирање на прекршоци, со што ќе се овозможи поголема безбедност и проток во сообраќајот.
За целосна примена на „Сејф сити“ потребно е да се донесе и новиот закон за прекршоци, кој сè уште не е изгласан во Собранието. Освен тоа, ќе бидат неопходни измени во уште три други закони за да системот функционира целосно.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

