05 септември 2025
• од Тодор Вангелов
Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) денеска ја отвори својата мисија за набљудување на локалните избори закажани за 19 октомври во Северна Македонија, по покана на националните власти.
Мисијата е предводена од Матео Мекачи и ја сочинуваат 13 експерти со седиште во Скопје. Од 11 септември ќе бидат распоредени 24 долгорочни набљудувачи низ целата држава, а дополнително е побарано и пристигнување на 250 краткорочни набљудувачи непосредно пред денот на изборите.
Канцеларијата ќе ја оценува усогласеноста на изборниот процес со обврските на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори, како и со домашното законодавство. Набљудувачите ќе ги следат сите клучни аспекти од изборите, меѓу кои регистрацијата на избирачите и кандидатите, активностите на кампањата во живо и онлајн, работата на изборната администрација и другите државни институции, примената на нови технологии во изборниот процес, законската рамка, финансирањето на партиите и кампањите, како и решавањето на изборни спорови. Ќе биде оценета и имплементацијата на претходните препораки. Сеопфатниот медиумски мониторинг претставува составен дел од оваа мисија.
Во текот на набљудувањето, мисијата ќе одржува средби со претставници на националните власти и политичките партии, како и со судството, граѓанското општество и медиумите.
На денот на изборите, кон мисијата ќе се приклучат и претставници на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, како и на Европскиот парламент, за да го следат отворањето на избирачките места, гласањето, броењето на гласовите и сумирањето на резултатите.
Привремен извештај ќе биде објавен околу две недели пред изборите, со цел јавноста и медиумите да бидат навремено информирани за текот на набљудувањето. Финален извештај, со целосна оценка и препораки, ќе биде објавен два месеца по завршување на изборниот процес.
Мисијата за набљудување на избори на Канцеларијата за демократски институции и човекови права и Мисијата на ОБСЕ во Скопје работат одделно и независно, секоја во рамките на својот мандат.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден