Одземени возила користени во диви трки на автопатот Куманово – Скопје
На 16 и 17 април 2025 година, во Секторот за внатрешни работи Куманово било пријавено дека на автопатот Куманово – Скопје се организираат т.н. „диви“ трки со патнички моторни возила, при што била предизвикана голема бучава и загрозување на безбедноста во сообраќајот.
Веднаш по добиените пријави, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Куманово излегле на терен и презеле соодветни мерки. При контролата и постапувањето, поради сомнение за сторен сообраќаен прекршок, биле одземени две патнички моторни возила.
Станува збор за возило марка „БМВ“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од лицето М.В. (20) од село Долнени, прилепско, и возило марка „Фолксваген Поло“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Б.Р. (21) од Тетово.
Од СВР Куманово информираат дека по целосно документирање на случајот, против двете лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци согласно законот.
Надлежните апелираат до граѓаните да се воздржат од вакви опасни активности кои не само што го нарушуваат јавниот ред и мир, туку претставуваат сериозна закана за безбедноста на сите учесници во сообраќајот.