26 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Општина Аеродром поднела кривична пријава против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје поради загрозување на животната средина. Причината е тоа што претпријатието повеќе од десет дена не ја спроведува својата основна дејност – собирање и одржување на хигиената на подрачјето на градот.
Според поднесената пријава до Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, отпадот во општината не се собира од 15 септември. Од Општината посочуваат дека на повеќе локации комуналниот отпад останал во и околу контејнерите, со што е загрозена животната средина и здравјето на граѓаните.
„Поради ненавременото собирање на отпадот од домаќинствата секојдневно има исцедок од садовите за смет од кој се шири непријатна миризба, а се нагрдува и просторот“, стои во пријавата.
Во изминатите три дена, општинските екипи собрале 24 тони комунален отпад од домаќинствата во Аеродром, работа која требаше да ја изврши градското комунално претпријатие.
„Свесни сме дека поради оваа вонредна ситуација можеби беа запоставени редовните активности како чистење на плочници, тротоари и сервисни улици, косење, гребење и уредување на зеленилото, празнење на кантите за џебен отпад, собирање на лисја, гранки и на неколку места и кабаст отпад“, наведоа од Општина Аеродром.
Локалната власт се извини на жителите за непријатностите и побара разбирање. Од Општината додаваат дека ќе продолжат да реагираат секаде каде што постои ризик за здравјето и чистотата на јавниот простор, но очекуваат институциите надлежни за хигиената во Скопје да си ја преземат обврската.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

