28 јануари 2025
• од Гоце Кически
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, објави дека локалната самоуправа ќе започне акција за чистење на јавните површини во Центар. Оваа одлука доаѓа поради, како што наведува, неуспехот на градот Скопје да го одржува редот и чистотата во овој дел од градот.
„Вчерашната глетка беше неприфатлива. Центарот на градот, симболот на Скопје, не смее да изгледа како депонија поради негрижата на градската администрација. Ќе организираме голема акција за чистење со помош на јавното претпријатие ПОЦ,“ рече Герасимовски. Тој истакна дека ова не е првпат Општина Центар да презема обврски кои реално се под надлежност на градот Скопје.
Герасимовски потсети дека и во минатото, локалната самоуправа ја преземала задачата за чистење на депонии кои биле оставени со години, како онаа во близина на Ист Гејт Мол.
Иако ваквите потези на Општина Центар заслужуваат пофалба за проактивниот пристап, останува горчливото прашање: зошто проблемите со одржувањето на јавната хигиена повторно паѓаат на товар на општините, наместо да бидат решени систематски од градот Скопје?
Недостигот од координација и одговорност на централно ниво ги доведува граѓаните во ситуација на постојан хаос. Додека градоначалникот Герасимовски ветува итна акција, Скопје и понатаму го губи својот имиџ како модерен и уреден главен град.
Време е надлежните институции да преземат долгорочни мерки, а не само привремени решенија. До тогаш, останува да видиме дали Општина Центар ќе успее да го врати сјајот на центарот на градот, или ова ќе биде уште еден обид да се „гасат пожари“ без вистинска реформа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

