25 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ, Бујар Османи, остро реагираше на изјави и политики кои, според него, претставуваат обид за поништување на државотворниот статус на Албанците и демонтирање на Охридскиот рамковен договор.
„Албанците нема да дозволат демонтирање на Охридскиот договор, нема да дозволат поништување на нивниот државотворен статус и трансформација во малцинство, враќање на мајоризацијата. Оваа акција не најде обединети, како што сме денес, но ќе не најде обединети и во превенцијата,“ изјави Османи.
Тој упати повик и до другите етнички заедници – Македонци, Турци, Роми и Бошњаци – да не дозволат, како што рече, „клептократска влада, облечена во маската на национализмот,“ да презема чекори што ќе го загрозат мирот, стабилноста и европската перспектива на граѓаните.
Османи потсети дека доведувањето во прашање на Охридскиот договор е спротивно на извршната наредба на американскиот претседател, со што, како што нагласи, таквите обиди директно се спротивставуваат на интересите на САД.
„Тоа е во директна спротивност со извршната наредба на американскиот претседател, кој го смета доведувањето во прашање на Охридскиот договор за антиамерикански интерес,“ истакна тој.
Османи посочи дека последните изјави на еден од министрите не биле дадени на лична иницијатива, туку биле „нарачани од премиерот“ со цел да се отвори простор за нормализирање на одредени политики.
„Нарачана е од премиерот, за потоа да може да излезе и да ја негира, но да се разговара за темава и да се нормализира, како што беше со балансерот, со албанскиот јазик, со непочитувањето на волјата на граѓаните, да се излезе полека, да се донесе одлука преку ноќ, тоа не поминува,“ рече Османи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

