04 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, остро реагираше на навредливите и антиалбански скандирања кои се случија синоќа на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија, одржан во спортската сала во Куманово.
На натпреварот, пред очите на бројната владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, се слушале пораки како „смрт за Шиптари“, „гасни комори“ и „за чиста Македонија“. Османи оцени дека станува збор за скандал кој бара итна и недвосмислена осуда од институциите.
Во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук, Османи изрази загриженост од, како што вели, „молкот на премиерот“, оценувајќи го како сигнал за нормализација на говорот на омраза во јавниот простор.
„Мицкоски ја пропушти шансата да покаже дека е премиер на сите граѓани и дека барем симболично е загрижен за навредите и заканите испратени кон Албанците во земјава. Тој требаше веднаш да ја напушти салата или, во најмала рака, преку реакција на социјалните мрежи да ги осуди овие скандирања“, напиша Османи.
Тој додаде дека ниту владината прес-служба не реагирала со официјално соопштение, иако, како што вели, во други ситуации не се штеди на реакции.
Османи смета дека ова не е изолиран инцидент, туку дел од поширока тенденција на поттикнување или толерирање на антиалбанска реторика од страна на власта. Како пример го посочи и случајот со коалицискиот партнер Богоески, за кого вели дека бил награден и заштитен и покрај навредливи изјави кон Албанците.
„Оние што ѝ мислат добро на земјата не смеат да ги толерираат овие испади. Треба јасно и недвосмислено да ги осудат“, додаде тој.
На натпреварот во Куманово присуствуваа високи државни претставници, меѓу кои и премиерот Мицкоски, градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, министерот за внатрешни работи Панче Топковски и вицепремиерот Иван Стоиљковиќ. Ниту еден од нив засега јавно не реагираше на инцидентот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

