Јован Костадинов: Не сум херој – хероите беа сите што спасуваа животи во Кочани
Во ноќта кога Кочани го обви оганот, еден млад човек покажа што значи вистинска храброст. Јован Костадинов, матурант од средното училиште „Ванчо Прќе“ во Виница, без двоумење се втурна во пламените и чадот за да спаси животи. И покрај тоа што лично извлече околу дваесет повредени, Јован не сака вниманието да биде насочено само кон него. Според него, таа ноќ, херои беа сите што помогнаа.
„На почетокот бев збунет, не знаев што се случува. Мислев дека е некоја тепачка, но кога почна да излегува густ црн чад, сфатив дека се работи за пожар“, раскажува Јован за МИА. „Не бев сам – таму беа и други луѓе кои храбро влетаа внатре и помагаа. Сите ние сакавме само едно – да спасиме што повеќе луѓе.“
Таа вечер, вели, засекогаш ќе остане врежана во неговото сеќавање.
„Беше полошо од хорор филм. Пламенот, чадот, викањето... Никогаш нема да го заборавам тоа. Но, кога ќе видиш некој во неволја, не размислуваш. Не мислиш на себе, не мислиш дека можеш да го изгубиш животот – едноставно делуваш. Инстинктот и адреналинот те водат“, вели младиот херој.
Јован не бара признание. За него, најголемата награда се спасените животи и сознанието дека во момент на опасност, човековата хуманост и солидарност можат да го победат и најголемиот страв.
Овој настан уште еднаш потсетува дека вистинските херои не се секогаш гласни, ниту пак носат наметки. Понекогаш се млади луѓе со срце поголемо од стравот – како Јован Костадинов и сите храбри граѓани на Кочани.