09 април 2025
• од Вардарски
Пајазит Пајазити, судија во Кривичниот суд – ќе продолжи да ја извршува функцијата, иако со своја одлука му овозможи бегство на Блерим Рамадани, лице баран од Интерпол. Наместо дисциплинска одговорност или разрешување, Судскиот совет донесе одлука да го санкционира само со намалување на платата за 30% во наредните шест месеци, дознава „Алфа“ од извори блиски до институцијата.
Случајот датира од јули 2023 година. Рамадани, тогаш уапсен, пред судијата Пајазити изразил согласност да биде екстрадиран во Србија по скратена постапка и да му се суди таму. Пајазити му одредил ефективен притвор. Но, само неколку дена подоцна, Рамадани преку адвокат поднел жалба, тврдејќи дека не го разбрал преведувачот и дека не бил свесен што потпишува.
Иако Законот за меѓународна соработка јасно наведува дека изјавата за скратена екстрадиција е неотповиклива, судијата ја прифатил новата изјава на Рамадани и, спротивно на сите околности што укажувале на ризик од бегство, му дозволил домашен притвор. Неколку дена подоцна, Рамадани исчезна – според информациите, побегнал во Косово.
Неговиот престој во Македонија бил краткотраен, а немал ниту статус на резидент. Ова ја отвори дилемата во стручната јавност – како е можно на лице без постојан престој, и со сериозни сомнежи за бегство, да му се дозволи да ја напушти притворската единица?
Дополнително, Белград испрати официјално барање за објаснување до македонските власти – како е можно меѓународно баран осомничен да избега од домашен притвор?
Пајазит Пајазити и претходно бил поврзуван со спорни судски одлуки. Тој е истиот судија кој не одреди притвор за лицата што насилно влегоа во просториите на М-НАВ, предводени од Беким Незири. Исто така, во времето кога Никола Груевски избега од земјата, Пајазити како судија за санкции беше тој што ја потпиша одлуката за издржување затворска казна.
И покрај серијата контроверзни одлуки, Пајазити не само што останува судија, туку и продолжува да суди токму во одделението за претходна постапка – она што директно одлучува за притвори на осомничени.
Одлуката на Судскиот совет отвора прашања за интегритетот и отчетноста на судската власт, а кај јавноста дополнително ја засилува недовербата во правосудниот систем.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

