01 мај 2025
• од Вардарски
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, во интервју за телевизијата Сител вечерва изјави дека палењето на неговата куќа во Орешани е дело на затворски криминални структури, кои, според него, се обидуваат да го заплашат поради промените што ги вовел во затворскиот систем.
„Ова не е личен напад врз Александар Пандов. Ова е напад врз институцијата што ја водам, врз реформите што ги спроведува Владата предводена од Христијан Мицкоски“, изјави Пандов.
Според него, причината за инцидентот е „стравот и кукавичлукот“ на поединци во затворите, кои ги изгубиле привилегиите што претходно ги уживале. Тој посочи дека строго бара примена на законот и куќниот ред во затворите, што ги направило некои затвореници негови отворени непријатели.
Пандов откри дека добивал информации – иако без материјални докази – дека му се подготвува нешто лошо. Нагласи дека затвореници нуделе и до 20.000 евра на затворски стражари за да дојдат до телефони, а имало и обиди за поткуп со суми „со четири нули“.
„Некои затвореници се однесувале како шерифи – газди на затворите. Тепале полицајци, се занимавале со лихварство. Тоа време заврши“, рече тој.
Пандов тврди дека палењето на неговата викендичка било внимателно изведено – со скршено стакло, влез во внатрешноста, полевање со бензин и потпалување, најверојатно во ноќните часови кога во близина немало соседи.
„Сè е изгорено. Тоа не беше обична викендичка, туку мој втор дом. Живеев таму неколку години“, кажа тој, додавајќи дека верува оти нарачателите се од редовите на затворскиот криминал.
Според него, одговорот на ова ќе биде „жесток“ и нема да се откаже од својата функција или борбата против криминалот.
Пандов, кој вели дека веќе размислувал и за можноста да биде ликвидиран, изјави дека е свесен за ризикот од функцијата што ја извршува, но дека „не се плаши и нема намера да се повлече“.
Тој информираше и дека интервентна единица редовно врши ненајавени претреси низ затворите и дека во некои институции, како Битолскиот затвор, конечно не се пронајдени телефони – што го нарече „мал но важен успех“. Сепак, во други затвори, над 50% од затворениците и понатаму имаат нелегален пристап до телефони.
Пандов заврши со пораката дека наскоро се очекува активирање на електронски надзор преку алки за куќен притвор, а до крајот на годината би требало да започне и втората фаза на изградба на затворот Идризово. Работната група веќе го финализирала новиот Закон за пробација – уште еден чекор во борбата против криминалот во и надвор од затворите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

