27 март 2025
• од Гоце Кически
Република Северна. Македонија денеска одбележува пет години од своето членство во НАТО, остварувајќи една од најважните стратешки цели зацртани уште во 1993 година. На овој ден, во 2020 година, земјата стана 30-та членка на Алијансата, со што ја зацврсти својата позиција на меѓународната сцена и обезбеди дополнителна безбедност и стабилност.
По повод јубилејот, денеска во Клубот на пратеници во Скопје, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ќе одржи средба со амбасадорите на земјите-членки на НАТО и партнерските држави. Настанот ќе започне со негово обраќање, по што ќе следи затворена дискусија меѓу присутните.
Стремежот за евроатлантско интегрирање започна во 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција за надворешно-политичките приоритети на државата, вклучувајќи го членството во НАТО и ЕУ. Во 1995 година, Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата „Партнерство за мир“, а во 1996 година беше отворена Канцеларија за врски.
Во 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, земјата доби статус на кандидат за членство, што претставуваше значаен чекор напред. Сепак, процесот беше условен со решавањето на спорот за името со Грција, како што беше наведено во Декларацијата од Самитот во Букурешт во 2008 година.
Пробивот беше направен во 2018 година, кога на Самитот на НАТО во Брисел, Република Северна Македонија беше поканета да ги започне пристапните разговори. На 6 февруари 2019 година, беше потпишан Пристапниот протокол, кој подоцна беше ратификуван од сите земји членки. На 27 март 2020 година, со депонирањето на инструментот за пристапување, С. Македонија и официјално стана членка на Алијансата.
Членството во НАТО обезбеди засилена безбедност, стабилност и геополитичка позиција за државата. Во изминатите пет години, С. Македонија активно придонесува во заедничките мисии и цели на Алијансата, демонстрирајќи посветеност на меѓународниот мир и безбедност.
Петгодишнината од членството претставува потсетник за долгогодишните напори, но и поттик за продолжување на реформите и исполнување на останатите стратешки приоритети, вклучувајќи го и членството во Европската унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

