22 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
И по повеќе од шест месеци од правосилната пресуда за трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, осудениот Ремзи Мифтари сè уште не е спроведен во затвор. По издадената наредба за присилно спроведување во КПУ „Идризово“, полицијата не може да го пронајде Мифтари, кој треба да издржи казна затвор од 10 години.
Иако Тетовската полиција повеќепати го посетила неговиот дом, Мифтари не бил таму затекнат. Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека граничните премини не евидентирале негов излез од државата, поради што се претпоставува дека се крие внатре во Македонија.
„Дома не е. Се врши потрага по него на повеќе локации“, велат од полицијата.
Надлежниот судија за санкции од Основниот суд Гостивар изјави дека пред неколку дена издал наредба за присилно спроведување, но досега нема никакво известување ниту од МВР, ниту од КПУ „Идризово“ дека осудениот е пронајден.
Од КПУ „Идризово“ потврдуваат дека Мифтари уште на 7 ноември 2025 година не се јавил во затворот во зададениот рок од упатниот налог.
Иако и тој и Дурмиш Белули, газдата на „Дурмо турс“, во ист период ја одложуваа казната поради операција од кила на тестиси, за Мифтари рокот одамна истече. Белули, пак, добил ново одлагање — до 1 декември 2025 година, по што и тој ќе мора да се јави во „Идризово“.
И двајцата осудени имаат правосилни пресуди од 9 мај оваа година, но нивното затворање постојано се одложува. Апелациониот суд во Скопје им ги зголеми казните: на Дурмиш Белули од четири на десет години, а на Ремзи Мифтари од шест на десет години затвор.
Автобуската несреќа кај Ласкарци се случи во февруари 2019 година и зад себе остави 16 загинати и над 30 повредени патници. Жителите на Ласкарци не ја забораваат трагедијата — еден од нив сведочеше како момче, заробено под автобусот, очајно викало по телефон: „Тато, дојди, спаси ме“, додека неговите нозе биле под згмечениот автобус.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

