19 септември 2025
• од Гоце Кически
Концентрацијата на тешки метали во воздухот во Скопје по големиот пожар во Трубарево значително ја надминала дозволената граница, покажуваат резултатите од анализите на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), објавени шест дена по избувнувањето на огнената стихија.
Според мерењата извршени на 13 и 14 септември, концентрацијата на кадмиум достигнала 59,1 нанограм по метар кубен – што е речиси 12 пати повеќе од дозволените 5 нанограми. Во воздухот биле регистрирани и покачени количини на арсен (8,9 нанограми, дозволено 6) и олово (0,75 нанограми, дозволено 0,5). Единствено нивото на никел останало во рамките на законските норми.
Од министерството уверуваат дека состојбата деновиве е стабилизирана и дека тековните мерења покажуваат вредности кои се во дозволените граници.
„Објектот во кој избувна пожарот во Трубарево беше повеќепати контролиран, а и на самиот ден на трагедијата инспектори извршија увид. Сите наоди и документацијата се доставени до Јавното обвинителство,“ информираат од МЖСПП.
Големиот пожар што го зафати складиштето во Трубарево ја вознемири јавноста поради густите облаци чад кои со денови се надвијаа над источниот дел на Скопје, а граѓаните побараа од институциите поголема транспарентност и итна реакција за заштита на нивното здравје.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

