01 април 2025
• од Гоце Кически
Забраната за употреба на пиротехнички средства во затворен простор и зголемувањето на казните за прекршителите се во фокусот на предложените измени и дополнувања на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Овој предлог-закон е ставен на дневен ред на денешната, 42-ра собраниска седница.
Предлогот, инициран од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа како одговор на трагедијата во Кочани, каде што на 16 март, во пожар во дискотеката „Пулс“, животот го загубија 59 лица, а повеќе од 190 беа повредени. Настанот предизвика бурни реакции во јавноста и ја отвори дебатата за неопходноста од построги регулативи за употреба на пиротехнички средства.
Според образложението на измените, кои се предлагаат да бидат донесени по скратена постапка, целта е да се превенираат слични несреќи преку јасна законска забрана.
„Имајќи ги предвид заложбите на сите релевантни структури во државата за понатамошно превенирање на ризиците од неовластена злоупотреба на експлозивни материи – пиротехнички средства во затворен простор, се предлага измена на законската регулатива во насока на нивна забрана“, стои во предлог-законот.
Со предложените измени, употребата на пиротехнички средства во затворени објекти и простории ќе биде строго забранета, а предвидени се и значителни казнени мерки за прекршителите.
Новите измени предвидуваат зголемување на казните за физички и правни лица. Така, за физичките лица кои ќе го прекршат законот, глобите ќе изнесуваат од 200 до 250 евра. За правните лица, казните ќе варираат зависно од нивната големина:
Одговорните лица во правните субјекти ќе се соочат со казни од 250 до 500 евра.
Пратениците кои го поддржуваат предлог-законот сметаат дека неговото усвојување ќе овозможи поефикасно санкционирање на прекршителите и ќе придонесе кон зголемување на безбедноста на граѓаните.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи работи на изготвување на нов Закон за експлозивни материи за цивилна употреба, кој ќе понуди сеопфатно решение за регулацијата на пиротехничките средства. До неговото донесување, предложените измени претставуваат итна мерка за заштита на јавниот ред и мир.
На 42-та собраниска седница, покрај овој закон, на дневен ред се најдоа и други законски решенија со цел унапредување на безбедноста и јавниот поредок во земјата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

