17 април 2025
• од Вардарски
Пожарот што го зафати Кочани продолжува да носи трагични последици. Денеска, по еден месец борба за живот, почина 24-годишниот Стојанче Стефанов – 62-та жртва од оваа трагедија.
Според информациите објавени од порталот 4NEWS.mk, младиот пациент кој беше префрлен на лекување во Белград, не успеа да се избори со тешките повреди. Министерот за здравство, Арбен Таравари, ја потврди оваа информација за ТВ21.
Од Министерството за здравство информираа дека Стефанов бил хоспитализиран во Воено Медицинската Академија во Белград уште од првиот ден по несреќата. Бил во критична состојба, интубиран и со 27% телесна површина зафатена со изгореници, како и сериозни повреди од вдишување чад.
На 4 април, младиот Кочанец бил подложен на операција и поставен на ЕКМО апарат – напредна медицинска опрема што овозможува оксигенација на крвта надвор од телото, со цел да се ублажат последиците од вдишаниот чад. И покрај интензивната нега и напорите на медицинскиот тим, неговата здравствена состојба останала нестабилна во текот на целиот период.
„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Стојанче Стефанов и до сите кои беа погодени од трагедијата во Кочани,“ стои во соопштението од Министерството за здравство.
Оваа трагедија, која веќе одзеде над шест десетици човечки животи, претставува еден од најтешките настани во поновата историја на Кочани. Целата јавност е во жалост, додека институциите и понатаму работат на истражување на причините за пожарот и на превенција од вакви трагедии во иднина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

