Погреб на последната независна институција: СДСМ остро против предлогот за Трајко Славески како гувернер
СДСМ жестоко се спротивставува на најавениот предлог Трајко Славески да биде именуван за нов гувернер на Народната банка, оценувајќи го овој потег како сериозна закана за последната независна институција во земјата.
„Ова е невиден преседан – класичен партиски кадар да биде поставен на чело на институција што со децении претставуваше симбол на професионалност и стручност. Народната банка никогаш не смеела да биде политички инструмент, а со овој предлог токму тоа се случува“, порачуваат од СДСМ.
Според партијата, Трајко Славески не само што е висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, туку и симбол на економска политика спротивна на интересите на граѓаните. Потсетуваат дека тој е автор на контроверзни изјави, како онаа дека „9.000 денари се многу пари“, и дека во своето политичко и економско делување секогаш бил на спротивната страна од борбата за повисока минимална плата и реално пресметана потрошувачка кошничка.
„Станува збор за човек кој како министер ги раскрчмуваше државните финансии, а денес треба да раководи со најважната финансиска институција во државата. Тоа е опасно и штетно“, предупредуваат од СДСМ.
Партијата го критикува и однесувањето на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, оценувајќи дека со тоа што го прифатила предлогот на Христијан Мицкоски, целосно се откажала од идејата за независност и стручност во носењето на одлуки.
„Силјановска покажа дека не е ништо повеќе од продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да застане зад независен кандидат, таа ја наведна главата и го следи партискиот диктат. Нејзиното однесување го погребува угледот на функцијата претседател“, стои во соопштението на СДСМ.
Со ваквиот предлог, СДСМ предупредува дека се уриваат темелите на институционалната независност и се отвора пат за целосна партизација на клучните државни органи. Партијата најавува жестока политичка и јавна борба против, како што велат, „уште еден обид за заробување на државата“.