27 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес, во кругот на Полициската станица во Пробиштип, се одржа свечена церемонија на откривање на спомен-биста посветена на храбриот полициски службеник Тоше Тодоровски, кој трагично го загуби својот живот при извршување службена задача за време на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На настанот присуствуваа неговото семејство, колегите, претставници на институциите и синдикатите, како и бројни граѓани. Со големо достоинство и почит, сите се поклонија пред делото на Тоше, кој го жртвуваше сопствениот живот за да спаси млади човечки животи.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето обраќање нагласи дека иако поминаа шест месеци од трагедијата, болката и тагата сè уште се силни, но вечен останува споменот за храброста и саможртвата на Тоше.
„Тоше останува симбол на посветеноста и пожртвуваноста на македонскиот полициски службеник – човек кој својот живот го стави во служба на заштитата на другите,“ истакна министерот.
Тој додаде дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да стои покрај семејствата на загинатите, да ја чува нивната жртва од заборав и да се бори за правда во името на сочувството, достоинството и почитта кон оние кои изгубиле најмногу.
На крајот од церемонијата, министерот Тошковски упати порака:
„Вечна слава и благодарност за Тоше. Хероите живеат вечно, Тоше ќе живее вечно.“
Со поставувањето на бистата во дворот на Полициската станица во Пробиштип, делото и ликот на Тоше Тодоровски ќе останат врежани во колективното сеќавање како пример за храброст, човечност и саможртва.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

