30 март 2025
• од Гоце Кически
Повторно улиците на Кочани се исполнети со граѓани кои мирно маршираат низ централното градско подрачје, барајќи правда за трагедијата што го потресе градот. На 16 март, во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица, а повеќе од 200 беа спасени благодарение на храброста на четворица сограѓани.
Маршот, кој се одвива во целосна тишина, е предводен од транспаренти со ликовите и имињата на Столе Боја, Мартин Горгиев ‘Пирка’, Лазар Захариев ‘Портокал’ и Ивица Грозданов. Тие се сметаат за херои во очите на жителите на Кочани, бидејќи го ризикувале својот живот за да спасат други. Сепак, овие четворица луѓе од денот на несреќата се во притвор, обвинети за одговорност за трагедијата, иако граѓаните сметаат дека тие се жртви на неправда.
„Тие не се криминалци, тие се херои. Го ризикуваа својот живот за да спасат повеќе од 200 луѓе таа вечер. Не заслужуваат да бидат третирани вака,“ изјави еден од демонстрантите.
Во меѓувреме, јавноста е огорчена од фактот дека двајцата поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илиев, кои според многумина носат дел од одговорноста за состојбата на објектот, се во домашен притвор. Разликата во третманот дополнително ја разгорува револтот.
Четворицата притворени имаат сериозни здравствени проблеми поради вдишаниот чад и постојаната изложеност на пламенот таа трагична ноќ. Семејствата и пријателите на осомничените постојано апелираат за итно ослободување, потенцирајќи дека тие само ја извршувале својата работа и пројавиле извонредна храброст.
Додека Кочанчани стојат обединети во барањето на правда, јавноста во Македонија го следи случајот со големо внимание, очекувајќи од институциите да постапуваат транспарентно и соодветно.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

