24 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, излезе со сериозни обвинувања кон опозицијата, тврдејќи дека СДСМ и ДУИ подготвуваат тајни договори и сценарија за хаос на претстојните локални избори. Во говор пред функционери и симпатизери на неговата партија, тој изрази сомнеж дека опозициските партии преку „инфлација од независни кандидатури и фантомски листи“ сакаат да го нарушат изборниот процес.
„Тоа е сценарио мислено и координирано помеѓу овие две партии. Сценарио за хаос, за политичка магла и за манипулација. Со вакви потези сакаат да го збунат гласачот и да ја изиграат демократијата“, изјави Мицкоски, додавајќи дека „длабоката држава“ на СДСМ и ДУИ има луѓе распределени во судството, изборната комисија и институциите.
Од СДСМ одговорија дека ваквите тврдења се доказ дека власта е во паника поради падот на поддршката меѓу граѓаните.
„Со истата стара реторика на поделби по политичка и етничка линија, Мицкоски повторно се обидува да ја излаже јавноста. Бидејќи нема резултати, посегнува по измислени сценарија и конструкции околу локалните избори. Дали токму тој е тој што подготвува хаос?“, порачаа социјалдемократите.
ДУИ, пак, оцени дека изјавите на премиерот претставуваат „чисти клевети и обид да се сокрие кризата на легитимитет на неговата моноетничка влада“. Според интегративците, овие тврдења се опасни и можат да поттикнат етнички судири.
И покрај политичката преписка, подготовките за локалните избори закажани за 19 октомври продолжуваат. Од денеска започна јавниот увид во Избирачкиот список, кој ќе трае до 11 септември. Граѓаните ќе имаат можност да проверат или да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци.
„Јавниот увид се спроведува секој ден од 23 август до 11 септември, од 08:00 до 20:00 часот. Обезбедена е работа на подрачните одделенија во две смени, вклучително и за време на викенди и празници“, соопшти претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Во меѓувреме, ДИК со пет гласа „за“ и еден „против“ го усвои Упатството за бројот на советници во општинските совети и Советот на Град Скопје. Намалување на бројот на советници ќе има во 14 општини, врз основа на резултатите од Пописот во 2021 година.
Мицкоски во своето обраќање најави дека веднаш по локалните избори ќе има промени во партијата, како и реконструкција и засилување на капацитетите на Владата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

