25 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Тројца блиски пријатели на Росица, која трагично го загуби животот од раката на нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски, за „Слободен печат“ сведочат дека таа навистина испратила порака до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, барајќи помош. Според нив, пораката е веродостојна, испратена од нејзиниот телефон на бројот на министерот и сè уште постои во нејзиниот мобилен телефон, кој е задржан на вештачење.
Две пријателки на Росица, кои се сестри, тврдат дека лично ја виделе пораката во нејзиниот телефон, бидејќи самата Росица им ја покажала. Тие објаснуваат дека таа, иако веќе имала поднесено четири пријави против Илија Стефановски, не се чувствувала заштитена и сигурна.
„Кон крајот на мај, по кражбата и вандализмот врз нејзиниот автомобил, Росица беше свесна дека пријавите не се сфаќаат сериозно. Но, борбена како што секогаш беше, успеа да го пронајде бројот на министерот и лично го извести за својата ситуација,“ сведочи нејзината блиска пријателка Лорета Слабева.
Според нејзините зборови, во пораката Росица детално ги изразила заканите со кои се соочувала, нагласувајќи ја итната потреба од институционална интервенција. За жал, реакција од надлежните институции не следела.
„На почетокот на јуни, во разговор меѓу мене, мојата сестра и Росица, таа ни ја покажа пораката што ја испратила до министерот. Јасно пишуваше за опасноста во која се наоѓа. Институциите, за жал, останаа глуви на нејзиниот повик за помош,“ додава Слабева.
Сведоштвата на нејзините пријатели отвораат сериозни прашања околу институционалната реакција и одговорноста на надлежните органи. Росица, која повеќепати алармираше за насилството и заканите што ги трпеше, не доби навремена заштита.
Овој случај уште еднаш ја отвора болната тема за потребата од сериозна и навремена институционална реакција во ситуации кога животот на жртвата е во непосредна опасност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

