25 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Во координирана акција на Финансиската полиција и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, беа приведени седум лица осомничени за тешки финансиски кривични дела. Акцијата е резултат на повеќегодишна истрага за нелегална продажба на нафта и перење пари преку фиктивни фактури.
По налог на јавен обвинител, со асистенција на специјалната антитерористичка единица „Тигар“, лицата се лишени од слобода и изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд. Едно лице сè уште не е достапно на органите на прогонот.
Истрагата опфаќа десет компании и 13 физички лица, а претреси беа извршени на осум локации во Куманово, Желино, Липково и Никуштак.
Осомничените продавале нафта за готовина, а приходите од продажбата ги пријавувале како дневен промет преку фиктивни фактури. Со тоа дополнително барале и поврат на ДДВ, со што ја зголемувале финансиската добивка на штета на државата.
Според истражните органи, станува збор за злосторничко здружување поврзано со даночно затајување, измама и перење пари.
Со ваквите нелегални активности, буџетот на Македонија е оштетен за околу седум милиони евра. Финансиската полиција наведува дека оваа опсежна истрага траела повеќе од две години.
„Управата на финансиската полиција останува посветена на откривање и гонење на финансискиот криминал и заштита на буџетот на државата“, стои во соопштението на институцијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

