23 мај 2025
• од Вардарски
Професорката по француски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Дореана Христова, остро се огласи во јавноста со повик за правна, политичка, национална и меѓународна одговорност на лидерите Христијан Мицкоски и Гордана Сиљановска-Давкова.
Во нејзината изјава, Христова ја осудува, како што ја нарекува, „екстремистичката и диктаторска власт“ што според неа ја спроведуваат Мицкоски и Сиљановска, обвинувајќи ги за недемократско и нецивилизирано однесување кон граѓаните на Северна Македонија.
„Овие политички фигури немаат ниту интелектуални афинитети, ниту визија за просперитетен напредок на земјата. Наместо да водат кон европска иднина, тие ги газат вредностите на европската и македонската ориентација, креирајќи паралелни реалности во кои вината за нивните неуспеси постојано ја префрлаат на други“, истакнува професорката Христова.
Таа предупредува на реставрација на удбашки методи, насилства и репресија врз различно мислечките, посочувајќи на политичката реторика која, според неа, сè повеќе наликува на авторитарни балкански режими.
Особено загрижувачки, според Христова, се нападите врз човековите права на македонските граѓани, особено на македонските Бугари, кои, како што вели, се жестоко дискриминирани под изговор на етничко потекло на водечките фигури.
„Со такви ставови и практики, тие го урнисуваат концептот на проевропска Македонија и ги разнебитуваат сите институционални и национални градби што беа поставени од претходните, умни национални визионери“, изјавува Христова.
Дополнително, таа алармира на опасни економски задолжувања на државата, наведувајќи огромни заеми од Унгарија, Емиратите и Велика Британија, што според неа ја осиромашуваат иднината на македонската нација.
Професорката завршува со повик до граѓаните и меѓународната заедница:
„Трпението на граѓаните е узурпирано. Луѓето заминуваат, ја губиме иднината. Бараме итна и сеопфатна одговорност од Мицкоски и Сиљановска – правна, политичка, национална и меѓународна!“
Изјавата на Христова отвора нова дебата во јавноста околу правецот во кој се движи македонската држава, потенцирајќи го растечкото незадоволство од политиките на владејачките структури.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

