23 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Професорот Трајковски излезе со нова брутална анализа во која појаснува дека странските директни инвестиции (СДИ) не се решение за македонската економија доколку државата продолжи со расипничко трошење и непродуктивни задолжувања.
Од податоците е очигледно дека странските компании остваруваат извонредни резултати. Во 2024 година нивната нето добивка достигнала 650 милиони евра. Од тој износ, како дивиденди се изнесени 394,66 милиони евра, додека 255,34 милиони евра се задржани како реинвестирана или акумулирана добивка. На крајот од 2023 година сопственичкиот капитал на СДИ достигнал над 5,2 милијарди евра, со просечна добивка од 11,76% – бројки што ретко ги постигнуваат домашните компании.
Но, три четвртини од профитот систематски се репатрира во матичните земји, а во некои години износите што се извлекуваат дури ја надминуваат тековната добивка. За државата остануваат едвај околу 70 милиони евра данок на добивка, што е симболичен износ во споредба со годишниот буџетски дефицит од речиси 700 милиони евра.
Иако македонските работници добиваат плати и државата инкасира дел од даноците, користа е минимална во однос на профитот што го извлекуваат странските инвеститори. Во 2024 година, само од данок на добивка биле прибрани околу 72 милиони евра. Приходите од ДДВ се речиси занемарливи, бидејќи овие компании главно извезуваат.
Со други зборови, додека странските компании ги полнат своите биланси, државата останува со скромни средства кои едвај стигаат за два хеликоптери или за изградба на 20 километри железничка пруга.
Во анализата Трајковски остро ја критикува Владата поради тоа што се задолжува за проекти кои носат загуби, наместо да вложува во профитабилни домашни капацитети.
Само за осум борбени хеликоптери се потрошени 230 милиони евра – износ кој директно го зголеми државниот долг. Во меѓувреме, не се реализира проектот „Вардарска долина“, кој со своите дванаесет хидроцентрали би носел околу 125 милиони евра годишна добивка. Земјиштето за ветерниот парк на „Алказар Енерџи“ лесно се отстапува, иако државата би можела сама да остварува десетици милиони евра годишен приход од производство на електрична енергија.
Особено контроверзен е планот за брза пруга, за кој се предвидува задолжување од 2 милијарди евра. Наместо добивка, проектот ќе генерира загуби од 3,5 милијарди евра во следните дваесет години. Дополнително, се планира и ново задолжување од 300 милиони евра за железничка линија Скопје – Кичево, која, според Трајковски, никогаш нема да ја оправда инвестицијата.
Анализата ја завршува со јасна порака: странските инвестиции носат добивка пред сè за инвеститорите, а државата и граѓаните добиваат минимални придобивки. Во услови на непродуктивни трошоци и задолжувања, СДИ не можат да ја спасат македонската економија од пропаѓање.
„Жално е кога една власт, само заради себични предизборни цели и манипулирање со граѓаните, се фали со непродуктивни и налудничави трошења, наместо да вложува во проекти што носат максимална корист при минимални вложувања,“ предупредува професорот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

