01 февруари 2025
• од Гоце Кически
Денес, под мотото „Дишњето е забрането“, низ главните улици на Струмица ќе се одржи протестен марш, организиран од еколошкото здружение „Здрава Долина“. Градот Струмица е еден од најзагадените во Македонија, каде што секојдневното надминување на дозволените концентрации на фини прашинки стана правило, а оваа грејна сезона трипати беше прогласена вонредна состојба поради алармантно загадување на воздухот.
Според организаторите, системскиот недостиг на решенија го стави Струмица на неславното 7-мо место на листата на најзагадени градови во Европа.
„Ќе ја повикаме јавноста со нашите пораки и ќе побараме од локалната и централната власт да преземат конкретни мерки. Ќе ги посочиме проблемите и ќе предложиме прецизни решенија во име на сите граѓани“, се наведува во јавниот повик за учество во протестот. Шествието ќе помине низ целиот град, а завршната точка ќе биде пред зградата на општина Струмица.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, преку својот профил на Фејсбук изјави дека не само што го поддржува, туку и ќе учествува во протестот.
„Напорите на локалната и централната власт за намалување на загадувањето, преку конкретни мерки, очигледно не стигнуваат до вистинските субјекти. И покрај континуираната работа на надлежните инспекциски служби, постојат субјекти кои се над законот. Нивните своеволни дејства продолжуваат и покрај извршените проверки и предупредувања,“ напиша Костадинов.
Според резултатите од истражувањето на лабораторијата при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, најголем извор на загадување во Струмичката долина е согорувањето на биомаса, кое придонесува со 35% од годишното загадување и особено ги надминува дозволените граници во зимскиот период. Втор значаен извор е автомобилскиот сообраќај.
Протестот има за цел да ја мобилизира јавноста и институциите за конечно да се справат со долгогодишниот проблем на загадувањето и да обезбедат здрава иднина за граѓаните на Струмица.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

