24 март 2025
• од Гоце Кически
Во Тетово се одржа протест организиран од иницијативата „Нула“ на кој граѓаните изразија револт поради серијата трагедии што се случиле во последниот период. Протестот се организираше со цел да се побара одговорност за загубените животи во неколку трагични настани, вклучително и пожарот во модуларната болница во Тетово и сообраќајната несреќа со автобусот на Беса Транс во Бугарија.
Граѓаните се собраа на плоштадот во Тетово околу 12:30 часот, по што групата се упати кон зградата на Основниот суд и Основното Јавно Обвинителство, каде се одржаа неколку обраќања. Многумина од учесниците во протестот изразија гнев и разочарување од текот на истрагите и недостатокот на конкретни дејства од надлежните институции.
Мумин Исмаили, претставник на семејствата на жртвите во модуларната болница, рече дека се поставуваат тешки прашања за властите. „Дали требаше да се случи трагедијата во Кочани да се уверите дека овој систем е пропаднат? Јавно го прашувам Венко Филипче колку чини животот на мајка ми. Јавно го прашувам Кочо Анѓушев колку милиони евра профит вредат нашите 14 најблиски кои беа живи изгорени. Премиере Мицкоски вие ме посетивте дома за да ми изразите сочувство и ми ветивте дека случајот со модуларната болница ќе се расчисти. Дали требаше да изгорат уште 59 граѓани за конечно нешто да се преземе?“ – изјави Исмаили.
Бурим Исљами, кој ја изгубил целата своја семејство во сообраќајната несреќа на автобусот на Беса Транс во Бугарија, истакна дека постои страв дека и овој случај ќе заврши како и претходните, каде виновниците ќе бидат мртвите, а најслабите ќе бидат обвинувани. „Но едно е сигурно, еден ден пред Господ сите ќе одговараме и тогаш на вас и на убијците и на криминалците нема да ве спаси корупцијата“, нагласи Исљами.
Представникот на иницијативата „Нула“, Бленди Ходаи, ги истакна барањата на протестирачите за праведно разгледување на трагедиите кои се случиле во модуларната болница, Кочани, Ласкарци и сообраќајната несреќа со автобусот на Беса Транс.
„За Модуларната болница: Бараме од Основното Јавното Обвинителство да го извади од фиока истрагата за вистинските виновници на пожарот и да поднесе обвинение против оние кои го одолговлекувале оваа истрага, вклучително и јавните обвинители. Судењето за овој случај да се води без политичко-бизнис влијание. За Кочани: Бараме независна истрага и вклучување на надворешни експерти за да се обезбеди непристрасност“, рече Ходаи.
Тој исто така апелираше за правични пресуди и за случаите во Ласкарци и сообраќајната несреќа со автобусот на Беса Транс, барајќи повторно судење и повисоки казни за обвинетите, како и забрана за дејност на сопствениците на „Дурмо-Турс“ и на Беса Транс.
Протестот заврши со повик за поголема транспарентност и одговорност од надлежните институции, како и со ветување дека граѓаните ќе продолжат да се борат за правда за своите загубени блиски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

