24 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, денеска изјави дека неговата фирма ќе продолжи да го снабдува Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ со гориво, иако долгот на претпријатието кон нив надминува 10 милиони евра.
Во разговор за ТВ 21, Јахоски ги отфрли шпекулациите дека е можен прекин на градскиот превоз поради проблеми со испораката на нафта. Според него, и покрај сериозните финансиски проблеми и неплатените фактури, компанијата нема да дозволи граѓаните да останат без автобуски превоз.
„Нема да има прекин на градскиот превоз. ‘Пуцко петрол’ ќе продолжи да го снабдува ЈСП со гориво и покрај долгот од над 10 милиони евра што го има кон нас“, рече Јахоски.
Од ЈСП „Скопје“ утрово соопштија дека нема најава за прекин на автобускиот превоз. Иако вчера кружеле информации за можни проблеми со снабдувањето, претпријатието информираше дека попладнето пристигнале 20 тони гориво, поделени во двете автобази, што било доволно за одржување на редовниот сообраќај.
Од друга страна, Град Скопје вчера објави дека „Пуцко петрол“ ја прекинал испораката на нафта под „силен политички притисок“, со цел да се предизвика хаос во главниот град.
На овие обвинувања веднаш реагираше компанијата, посочувајќи дека токму ЈСП е оној што не ги подмирува своите обврски. Според нив, долгот од над 10 милиони евра е по фактури стари и повеќе од две години.
„Секоја институција што ги подмирува навремено своите обврски, без исклучок добива гориво согласно договорените услови“, порачаа од „Пуцко петрол“.
Јахоски истакна дека Град Скопје не управува правилно со ЈСП, поради што претпријатието е длабоко заглавено во долгови. Сепак, тој уверува дека компанијата нема да дозволи граѓаните да страдаат поради лошото управување и ќе го продолжи снабдувањето со нафта.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

