02 февруари 2025
• од Гоце Кически
Поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска преку објава на социјалната мрежа Фејсбук категорично ги демантира наводите за нејзина поврзаност со случајот во кој Фросина Кулакова го загуби животот на булеварот „Партизански одреди“.
Во својата објава, Шекеринска изрази длабоко сочувство до семејството и блиските на Кулакова, нагласувајќи дека од почит кон нивната болка досега избегнувала јавно да реагира. Сепак, поради, како што ги нарече, „лажните и исконструирани обвинувања“, се почувствувала должна да се произнесе.
– „Најдиректно сакам да ги демантирам сите такви наводи – тие се целосна, безобразна и исконструирана лага за која не постои никаква основа. Одговорно тврдам дека со ниту едно од споменатите лица немам никаков контакт, познанство ниту пријателство: ниту со сторителот, ниту со неговиот родител, а уште помалку со судијката што одлучувала за неговите предмети,“ напиша Шекеринска.
Таа потенцираше дека никогаш не побарала никаква ургенција за сообраќајни случаи и дека обвинувањата против неа се целосно неосновани.
– „НИКОГАШ за НИКОГО не сум се јавила за да побарам ваква ургенција. Бев шокирана кога видов дека некој почнал да шири вакви обвинувања без никаква причина или доказ. Неточни се, но и нелогични, бидејќи во годината кога биле носени тие судски одлуки, јас не сум имала никаква функција ниту позиција на моќ од која би можела да влијаам,“ изјави таа.
Шекеринска ја осуди праксата на ширење дезинформации, нагласувајќи дека тоа само ги одвлекува вниманието и јавниот фокус од вистинските виновници и соучесници во трагедијата.
– „За жал, очигледно е дека некои структури можат да продуцираат и најнелогични и целосно исконструирани лаги – доволно им е да имаат интерес и наредбодавател,“ порача таа, изразувајќи надеж дека вистината ќе излезе на виделина.
Случајот со трагичната смрт на Фросина Кулакова предизвика големо внимание во јавноста, а надлежните институции продолжуваат да ги истражуваат околностите на настанот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

