Радмила Шекеринска во „Скала на кариерата“: Мојата работа е како мусака
Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, беше гостинка во популарниот серијал на инфлуенсерот и продуцент Макс Клименко, „Скала на кариерата“, кој се објавува на социјалните мрежи. Овој серијал е познат по тоа што интервјуира луѓе додека тие стојат качени на скала, симболизирајќи го нивниот професионален напредок.
На почетокот од разговорот, водителот Клименко ја повика Шекеринска да се качи на скалата, предупредувајќи ја шеговито дека ќе има две минути да ја погоди нејзината работа, во спротивно може да се симне и да не ја открие својата професија.
Шекеринска со насмевка одговараше на прашањата: дали нејзината работа е со висок статус, дали им помага на луѓето и дали е креативна — на сите овие прашања одговори со „да“.
На едно од најинтересните прашања: „Ако вашата работа беше јадење, што ќе беше?“, Шекеринска насмеано одговори: „Мусака“, додавајќи: „Значи, се се става во истото тавче.“ Со тоа духовито го опиша комплексниот карактер на својата работа, каде различни елементи се спојуваат во една целина.
Видеото од гостувањето на Шекеринска предизвика големо внимание на социјалните мрежи, како поради нејзиниот лесен и непосреден настап, така и поради симболиката со која ја опиша својата улога на меѓународната сцена.