26 мај 2025
• од Вардарски
Две од четирите малолетни деца кои минатата недела брутално малтретираа и тешко повредија женка штрк во Гевгелија, биле повикани на разговор во просториите на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа (МЦСР) – Гевгелија, потврдија од Министерството за внатрешни работи за „Фокус“. Разговорот бил спроведен во присуство на нивните родители.
Според информациите од МВР, другите две деца од истата група моментално се на училишна екскурзија, и по нивното враќање ќе бидат повикани на разговор во текот на оваа недела, исто така во присуство на родителите.
Иако сопственичката на повредената птица, Ленче Алексовска од Гевгелија, не го пријавила настанот во полиција, службениците од СВР Струмица презеле активности и ги идентификувале сторителите. Станува збор за деца на возраст од 12 години.
Од МВР информираат дека по комплетирање на службената документација, во консултација со Основното јавно обвинителство – Гевгелија, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Случајот предизвика бурни реакции во јавноста откако Алексовска објави фотографија од крвавата и повредена штркa Милка. Таа појасни дека инцидентот бил снимен на безбедносни камери, на кои се гледа како децата доаѓаат со велосипеди пред нејзиниот дом и започнуваат да ја удираат птицата.
Милка претрпе тешки повреди – скршено крило и отворена рана. Според Алексовска, раната се третира со терапија, но постои опасност од инфекција, што би било фатално за птицата. Таа се грижела за Милка веќе една и пол година, откако и било скршено првото крило, а сега, по нападот, и второто е повредено. Како што вели Алексовска, за птица тоа е еднакво на тоа како на човек да му бидат ампутирани двете раце.
Настанот предизвика реакции од повеќе здруженија за заштита на животните. Организацијата „Анима Мунди“ побара институциите итно да преземат конкретни и ригорозни мерки против насилство врз животни, вклучително и психолошка проценка на сторителите, покрај законските санкции.
Јавноста останува алармирана и очекува соодветна реакција од надлежните, не само за да се санкционираат сторителите, туку и за да се испрати јасна порака дека насилството врз животните е неприфатливо.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

