29 јануари 2025
• од Вардарски
Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар, денеска во Скопје, во црквата „Свети Архангел Михаил“, служеше литургија за Свети Сава, националниот празник на Србите, во сослужение со свештеници на СПЦ.
По Литургијата беше отслужен помен за загинатите војници во Првата светска војна и Балканските војни.
Владиката Петар, по литургијата повторно имаше проблематична беседа исполнета со величање на српскиот духовен идентитет и Свети Сава, на моменти презентирајќи искривени историски вистини, како на пример дека српските доховници во Македонија, направиле еден од напобожните народи на Балканот. За тоа зошто во историјата Македонците и Србите биле поделени, а не обединети како сега, Владиката Петар вината ја префрли на „нашите гревови“.
-Браќа и сестри денеска е празник голем за српската црква, за српскиот народ каде и да живее, каде и да опстои. Народ православен, нас Македонците најблизок. Иако повремено сме биле и подалечни заради нашите гревови, ама во последно време се покажа и докажа онаа библиската на светиот славен пророк Давид „Колку е убаво кога ќе се заедно браќата,“ изјавил владиката Петар. Дали „нашите гревови“ кои не оддалечиле се постапките на македонските владици од минатото за пригласување на автокефалноста во 1967 година?
Зборувајќи за Свети Сава, владиката Петар го воспеваше чинот на неговото оцепување од Охридската Архиепископија, а искористи и невистинити податоци дека за основањето на тогашната српската црква Свети Сава добил согласност од „Патријархот и од Царот“. (Веројатно мисли на Царигардскиот патриајрх и византискиот император), што историски е сосема неточен податок.
-Денес ние сме заедно браќа и сестри на оваа прослава, на овој голем светител. Неговиот татко е Великиот Жупан Стефан Немања. Добил согласност и од Патријархот и од Царот да стане прв Архиепископ на СПЦ. И не случајно српскиот народ смета дека тогаш се воздигнал не само црковниот, туку и националниот дух кај српскиот народ, што било причина да се одлично организиара и српската држава. Кога на Врачар Турците го изгореле телото на Свети Сава и кога сите мислеле дека со тоа ќе згасе духот на српскиот народ, бидејќи дури и телото на Свети Сава, кое е храм на српскиот дух, еве сега и него го нема, напротив српскиот народ за сметка на тоа многу повеќе го воздигнал својот дух, за сметка на тоа и продолжил да се бори против непријателот, против тогашната Отоманска империја, изјавил Владиката Петар.
Во Беседата зборува за тоа дека сите Македонци се имаат изјаснето на анкетите дека поблизок народ немаат од српскиот, потенцирајќи дека како народи „во историјата сме имале недоразбирања и судири, но никогаш не сме биле непријател на мегдан едни со други да се ништиме, како што за жал тоа било во соседството.“ Од кои причини Владиката Петар релативизира една крвава историја од почетокот на XX век е непознато, исто како што е непознато како српските духовници од тој период станаа „духовни воздигнители на Македонците“.
-Во минатиот век, браќа и сестри на просторите на нашата македонска земја, поточно на просторот од овој дел на Македонија, ние сме сведоци дека видни духовни свештени лица од српската црква придонеле во вршењето на мисијата да ние останеме како еден од најнабожните народи на Балканот, изјави владиката.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

